Заев: Ја унапредуваме економската соработка со НР Кина, потпишавме Акционен план за соработка во областа на земјоделството
Во рамки на одржување на 8-иот Самит на Шефови на Влади на земјите од ЦИЕ и НР Кина од процесот 16+1 во Дубровник, Република Хрватска, премиерот, Зоран Заев даде кратка изјава за медиумите.
„Денеска имаме да соопштиме добри вести за нашата земја од 8-иот Самит на Шефови на Влади на НР Кина со земјите од ЦИЕ 16+1 којшто оваа година се одржува во Дубровник, Република Хрватска.
Ја унапредуваме соработката со НР Кина и со земјите од ЦИЕ, посебно во областа на земјоделството, што ветува дополнителен напредок и развој на оваа наша стратешка економска гранка.
Отвораме нови перспективи за развој на македонското земјоделството.
Во рамки на одржувањето на 8-иот Самит на Шефови на Влади на НР Кина со земјите од ЦИЕ 16+1 бевме прва земја потписничка на Акциониот план во областа на земјоделството помеѓу Народна Република Кина и Република Северна Македонија за периодот од 2020 – 2022.
Овој Акционен план предвидува зајакнување на билатерална соработка во областа на земјоделството помеѓу двете земји, трговија со земјоделски производи, економска соработка и рурален развој, соработка во земјоделските науки и информатичка технологија, како и соработка во областа на безбедност на храната, ветеринарните услуги и рибарството.
Оваа зајакната соработка со НР Кина очекувам да придонесе кон зголемување на нашето земјоделско производство, подигнување на стандардите и голема шанса за извоз и пласман на нашите земјоделски производи во НР Кина.
Од Самитот во Дубровник произлегуваат многу амбициозни планови и креативни иницијативи кои отвораат нови полиња на соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина.
,,Република Северна Македонија силно ја поддржува 16+1 иницијативата и верувам дека имаме голем потенцијал да ги унапредиме нашите партнерства и да креираме нов бизнис и економски потенцијал за соработка.
Денеска имав прилика да се обратам и на пленарната сесија на којашто обраќања имаа сите шефови на Влади од процесот 16+1 и премиерите на НР Кина и Р. Хрватска како домаќин, Кечијанг и Пленковиќ.
Ги информирав колегите дека наскоро ќе имаме свечено пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Штип, инфраструктурен проект кој произлезе од иницијативата 16+1.
На 30-ти и 31-ви октомври успешно го реализиравме „5-иот Симпозиум на Тинк – танк организации на НР Кина и земјите од ЦИЕ“ кој беше прв настан организиран од ваков тип во нашата земја. На маргините на овој Самит се потпиша и Меморандум за соработка помеѓу нашата академија на науки и уметности МАНУ и Кинеската академија на општествени науки (CASS).
Оваа година од 19-ти до 21-ти ноември во Скопје ќе се одржи „4-иот министерски форум за културна соработка од процесот 16+1“ во организација на Министерството за култура на РСМ и Центарот за координација на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ.
Оваа година исто така, ја имаме честа и задоволството да посакаме добредојде на Грција, нашата соседна пријателска земја, како 17-та земја челна од процесот на соработка на НР Кина и земјите од ЦИЕ. Овој факт не радува бидејќи заедно ќе можеме уште позабрзано да ја реализираме споделената визија за развој на овој дел од Европа, а посебно на Западен Балкан. Грција до сега не беше членка на оваа иницијатива 16+1 заради проблемот со името со нашата земја. Со решавањето на овој проблем, оваа иницијатива станува 17+1.
Во рамки на дводневниот Самит имав прилика да се сретнам со моите колеги, премиерите од земјите на Централна и Источна Европа и да размениме искуства, важни за унапредување на нашата заедничка соработка.“,рече премиерот Заев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа