Фицо до Зеленски: Ако не ми дадеш руски гас, не ти помагам веќе
Словачка разгледува мерки против Украина, вклучително и прекин на помошта, во случај да не се најде решение за прекин на испораката на руски гас преку украинска територија, изјави во четвртокот словачкиот премиер Роберт Фицо по разговорите со европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен.
Фицо го обвини Киев дека ѝ наштети на Словачка со тоа што не го продолжи договорот за транзит на гас со Русија.
Претходно тој се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина, а во четвртокот рече дека Братислава на тоа може да додаде суспензија на хуманитарната помош или користење на вето при донесување одлуки за Украина во рамките на Европската унија.
Фицо пред новинарите во Брисел изјави дека не сака да крева тензии, но дека ќе прибегне кон мерки доколку не се најде решение.
Тој повтори дека прекинот на испораката на гас преку Украина за Словачка ќе чини 500 милиони евра компензација за испорака до други европски земји и уште една милијарда евра поради повисоките цени на гасот од други извори.
Словачка и Европската комисија се договорија да формираат работна група за проценка на ситуацијата и изнаоѓање европско решение.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа