(ФОТО) Герасимовски: Град Скопје не исчисти ни викендов - децата прерипуваат преку ѓубрето за да стигнат до училиштето
Градоначалникот Горан Герасимовски, во утринската емисија „Ја сакам Македонија” на телевизија Сител информираше дека Општина Центар сабајлево повторно се соочи со смет на улиците кадешто надлежност има Град Скопје. И ова утро, жителите на Центар се соочија со истата грда слика од минатата недела, Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска го немаат исчистено ѓубрето од центарските улици кадешто имаат надлежност.
Во емисијата, Герасимовски потенцираше дека сметот е отстранет од страна на општинските служби.
„Во непосредна близина кај училиштето „Коле Неделковски“ е жална сликата секој понеделник и вторник да се случува истото, децата и родителите да прерипуваат преку ѓубрето за да стигнат до училиштето. Сметот не е отстранет низ неколку локации во Центар. Сабајлево, сметот е отстранет од страна на нашите служби. Постојано ги повикуваме Комунална хигиена, одговорот е недоволен број на вработени и стара дотрајана механизација која е делумно расипана. Ова не е оправдување, многу одамна градоначалничката Арсовска не учествува ни на состаноците на ЗЕЛС, на скопски плански регион каде што треба да се разговара на овие теми, да се решаваат проблемите на жителите не само на Општина Центар, туку на ниво на Град Скопје“, истакна Герасимовски.
Герасимовски посочи дека на овие состаноци има многу за што да се разговара и да се предложи, но за жал на тие состаноци не присуствува ниту член од Град Скопје, ниту градоначалничката, ниту пак дополнително се праќа некоја замена која ќе ги ислуша сите градоначалници со што се се' соочуваат и што се препорачува за да се решаваат проблемите.
„И мене не ми е јасно и затоа се екипиравме. Нашите вработени со целосна механизација што ја имаме за да ја завршиме нивната работа. Не ми целта да ги префрламе ингеренциите, односно цело време да се правдаме, туку си ги засукавме ракавите и ги решаваме проблемите кои и они не можат да ги решат“, рече Герасимовски.
Тој потенцираше дека неколку пати имаат побарано да се размисли за преземање на ингеренциите на јавното претпријатие Комунална хигиена.
„Чим ние, со нашиот број на вработени и со оваа механизација успеваме делумно, не целосно да го решаваме проблемот, јас сум сигурен дека доколку ни се дадат поголеми ингеренции, поголема механизација и поголем број на вработени хигиената ќе биде на доста повисоко ниво“, изјави Герасимовски.
Минатата недела, Општина Центар започна со голема акција за чистење под слоганот „Центар не чека, центар чисти“ кадешто секој ден, во две смени се чистат улиците од смет откако Град Скопје потфрли.
03.02.2025 - 10:35
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа