Новиот бугарски министер за надворешни категоричен: Ако нема исполнување на преземените обврски, ЕУ нема како да го продолжи пристапниот процес на С Македонија
Специфични се односите меѓу Софија и Скопје во моментот. Ваква оценка даде новиот шеф на бугарската дипломатија, Георг Георгиев во вчерашното интервју за бугарската БТВ.
На прашање дали односите може да се сметаат за специфично заладени, тој рече дека температурата се мери со секој следен настан што би можел да ги подобри односите, или пак, да ги влоши.
-Јас се надевам дека сме постигнале степен на зрелост од кој можеме да осознаеме дека добрососедските односи не се желба, туку дека тоа е влог за иднината и просперитетот на целиот регион“, вели Георгиев.
Одговарајќи на прашањето дали Бугарија ќе ја промени позицијата, со оглед на тоа дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски, е апсолутно категоричен дека додека е тој претседател на Владата, Бугарите нема да бидат внесени во Уставот, без јасни гаранции од Европската Унија, Георгиев рече дека доколку нема исполнување на преземените обврски, Унијата нема како да го продолжи пристапниот процес на РСМ.
-Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот ‘франциски предлог’, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски што далеку го надминуваат двостраниот (билатерален) спор. Зборуваме за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ. Така што, ако обврските не бидат запазени, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на РСМ,
кажа бугарскиот шеф на дипломатијата.
Според Георгиев, нема држава која повеќе од Бугарија има интерес од интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Вели дека тоа не го кажува само од позиција на бугарските европски приоритети од 2018 година, туку и во поширок контекст.
-Ние, искрено, се радуваме дека Република Северна Македонија и Албанија се наши сојузници во НАТО. Тоа е инвестиција во безбедноста на регионот. Природно е да се радуваме и на евроинтеграциите, но со запазување на условите“, рече тој.
За најавите дека премиерот на Македонија ќе побара средба со неговиот бугарски колега Росен Жељазков, Георгиев смета дека ако таква средба биде протоколарно побарана, претпоставува дека ќе биде разгледана низ призмата на нејзината сериозност.
На прашањето зошто Скопје и Софија нема заедно да го чествуваат роденденот на Гоце Делчев, Георгиев вели дека не добиле покана од РСМ за заедничка прослава.
=Ако прашањето е зошто нема да има заедничко чествување, тоа е затоа што не сме добиле покана за такво нешто. Последното такво чествување беше откако се потпиша Договорот за добрососедство во 2017 година. Но, во овој момент немаме покана од РСМ заедно да го чествуваме тој ден, вели бугарскиот министер за надворешни работи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа