Кале доби нов лик, Општина Центар го расчисти сметот и постави нови канти
Општина Центар спроведе акција за расчистување на едно од маалата во населбата Кале, кое до пред една недела беше затрупано со смет и имаше само една канта за отпадоци. Според општината, ЈП „Комунална хигиена“ не го одржувало овој простор, па затоа локалните власти интервенираа за да го подобрат изгледот и хигиената на овој дел од градот.
Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека во рамки на акцијата е подигнат целиот отпад, извршена е дезинфекција, искречени се ѕидовите и поставени се повеќе канти за отпадоци.
„Нашите општински служби интензивно работат на терен за да ја подобрат хигиената во Центар. На Кале го исчистивме сметот, направивме дезинфекција и додадовме повеќе канти за отпад. Исто така, ги искречивме ѕидовите кај урбаната опрема за децата, со што ова маало доби поубав изглед“, изјави Герасимовски.
Тој додаде дека во текот на вчерашниот ден биле спроведени повеќе чистечки акции во централното градско подрачје, при што бил подигнат сметот, испрани улиците и исчистени урбаните елементи на шест различни локации.
Со оваа акција, Општина Центар најавува продолжување на активностите за одржување на чистотата и унапредување на животната средина за жителите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа