ВМРО-ДПМНЕ: СДС го злоупотреби правосудството за заштита на своите функционери

 


СДС правосудството го претвори во алатка за заштита на поединци, да не беше така Филипче немаше слободно да се шета, а кабелот да е крив за модуларната во Тетово, реагираат од ВМРО на изјавата на потпретседателот на СДММ,

„До кое дереџе се паднати СДС може да се види по тоа што за сериозни теми како правосудството, наместо најодговорните во нивната партија, го пушта да зборува подмладокот.

СДС се најмалку повикани да зборуваат за заштита и селективност во правосудниот систем, затоа што за седум години власт, освен спроведување прогон кон неистомислениците, друго не видовме.

За време на владеење на СДС, правосудниот систем го претворија во алатка за заштита на нивната политичка елита.

Да не беше така, нивниот сегашен претседател, Венко Филипче немаше слободно да се шета по улиците и по белиот свет, а кабелот да е крив што 14 луѓе живи изгореа во модуларната болница во Тетово кога тој беше министер за здравство.

СДС се креатори на безредието и нефукционалниот систем и тоа најдобро го покажаа во изминатите седум години власт. Седум години власт на СДС државниот апарат беше ставен во служба на заштита на нивните моќници.

Седум години власт СДС создаде систем на рекет, корупција и судска мафија која се бираше и управуваше од Струмица, и кои по нивна нарачка штитеа криминалци или судеа неистомисленици.

Тоа време заврши, народот ги прочита и на изборите им даде црвен картон.

Сега се работи, полека но сигурно, да се врати фунционалноста на системот и да се воспостави правна држава која ќе обезбеди правда и правичност за сите“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

10.02.2025 - 15:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега