Историски исчекор за нашата земја ‒ Станавме членка на СЕПА
Европскиот совет за плаќања денес ја прифати нашата земја како 39 членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Под водство на Народната банка, нашата земја направи значителни напори да ја усогласи правната рамка во доменот на плаќањата и платните системи со регулаторните барања на Европската Унија (ЕУ), со што и официјално се приклучи кон платежната област СЕПА, исполнувајќи една од најважните цели на патот кон членство во ЕУ.
„Од членството во СЕПА очекуваме бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина. Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност (еден од највисоките во ЦЈЕ) и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“, посочува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во изјавата по повод одлуката на Европскиот совет за плаќања со што нашата земја стана членка на СЕПА.
Гувернерката истакна дека членството во СЕПА е потврда и за високите регулативни стандарди коишто се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошно поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржување на финансиската стабилност, како предуслов и за макроекономската стабилност којашто е јавно добро.
„Нашата економија се карактеризира и со релативно високи приливи на дознаки од странство, коишто достигнуваат и до 15% од БДП. Со оглед на тоа дека дознаките претставуваат значителен дел од расположливиот доход на населението, нема да изостанат придобивките и врз оваа основа“, истакна Ангеловска-Бежоска додавајќи дека за да станат сите овие можности реалност, од особена важност се добрата подготовка и брзото и ефективно приклучување на нашите давателите на платежни услуги кон европските платни системи.
„Овој успех е резултат на посветените напори на тимот на Народната банка, но и на Министерството за финансии и останатите регулаторни тела коишто работеа на усогласувањето на правната рамка и стандардите за работа на платните системи со европските, за што изразувам голема благодарност. Со овој значаен чекор, ја потврдуваме нашата заложба за финансиски напредок и за обезбедување на придобивките од оваа интеграција за секој граѓанин и бизнис во земјава“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа