Србија тагува со Македонија: Ден на жалост и почит за жртвите од трагедијата

 


Пред Амбасадата на Македонија во Белград граѓани со молк им оддадоа почит на жртвите во Нови Сад и Кочани, јави МИА од Белград.

Тие им оддадоа почи на 15-те жртви од Нови Сад, и 59 од Кочани кои загинаа во пожарот и на членот на тимот на Брзата помош кој почина од срцев удар откако превезуваше повредени цела ноќ. Студентите положија цвеќиња и запалија свеќи пред Амбасадата, а им се придружија и граѓани.


 

Дипломатите од Северна Македонија излегоа да ги поздрават насобраните студенти и граѓани.

Меѓу присутните беше и македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчевски.
Студентите во блокадата на својот Инстаграм профил објавија дека поради трагедијата во Кочани, каде загинаа најмалку 59 млади лица, ги замолуваат граѓаните денеска да не учествуваат во активности кои вклучуваат бучава.

„Денеска е ден на жалост во Србија поради трагедијата во Македонија. Денеска се солидаризираме и денот го поминуваме во тишина“, порачаа студентите во блокада.

Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ се потпиша во Книгата на жалост што беше отворена во Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград, по повод трагедијата во Кочани, соопштија од кабинетот на министерот.

„Во овој тежок и трагичен час што ја погоди пријателска и братска Македонија, Република Србија цврсто стои покрај неа во желбата да обезбеди секаква можна помош во згрижувањето на повредените граѓани“, напиша министерот, наведувајќи дека српските лекари ќе се грижат за сите повредени кои се примени на лекување во Белград и Ниш како да се нивни најблиски и ќе се потрудат да им помогнат.

Ѓуриќ истакна дека Србија ја споделува огромната болка што ја чувствува секој граѓанин на Македонија и тагува заедно со своите браќа Македонци, прогласувајќи го 18 март за Ден на жалост и спуштајќи ги знамињата на половина копје.

„Испраќам зборови на утеха и сочувство до семејствата на жртвите во нивната огромна болка, а искрени желби за успешно и брзо закрепнување на повредените“, напиша министерот Ѓуриќ.

18.03.2025 - 15:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега