Северна Кореја се заканува: Одмазда за американските бомбардери
Северна Кореја денес се закани со неодредени мерки на одмазда откако САД во вторникот прелетаа бомбардери Б-1Б за време на заедничка воена вежба со јужнокорејските сили.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја соопшти дека вежбата имала за цел да демонстрира заеднички способности за одвраќање во светлината на напредната нуклеарна програма на Северна Кореја, објави АП.
САД и Јужна Кореја редовно спроведуваат заеднички воени маневри кои ги опишуваат како одбранбени, додека Пјонгјанг ги смета овие активности за „подготовка за инвазија“.
„Неодамнешната воена акција на САД и Република Кореја е отворена закана за безбедноста на нашата земја и сериозна провокација што ги крева воените тензии во регионот на исклучително опасно ниво“, изјави неименуван портпарол на севернокорејското Министерство за одбрана, објавија државните медиуми.
Северна Кореја соопшти дека ќе ги „одврати американските агресивни обиди“ со силни средства и дека тоа ќе ѝ наштети на безбедноста на самата Америка, пренесува Танјуг.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно ги фалеше своите лични односи со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, анализираат медиумите.
На крајот на март, Трамп го нарече Ким „многу паметен човек“ и рече дека има комуникација меѓу двете земји, иако Пјонгјанг не одговори јавно и не се познати никакви официјални разговори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа