Подготовки за рехабилитација: Тим од Британија ќе помага во лекувањето на повредените од Кочани
Лекувањето на повредните во пожарот во Кочани не е битка од 72 часа, туку процес што ќе трае со недели или месеци, рече денес директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Здравствените власти почнуваат подготовки за следните фази неопходни за лекување на сите повредени.
„Денеска, ќе пристигне тим од Британија, кој ќе треба да ни помогне да се подготвиме за следната фаза – рехабилитација на пациентите. Веќе мора да размислуваме еден-два чекора понатаму, кога ќе почнат пациентите да се враќаат во Македонија“, рече директорот Клековски.
Според последните информации што попладнево ги сподели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во болниците во земјата се лекуваат 93 повредени, а 80 пациенти се транспортирани на лекување во странство, односно во Србија, Бугарија, Турција, Грција, Австрија, Литванија, Словенија, Унгарија и во Хрватска.
Директорот Клековски вели дека некои од пациентите ќе треба да бидат згрижувани на многу долг период бидејќи има пациенти со значителни оштетувања.
Ниеден пациент, нагласува Клековски, не треба да почувствува дека му е скратено правото на лекување во странство оти конзилиум од лекари од скопските клиники секојдневно ги следи пациентите што се во нашите болници и носи одлуки за пренесување во други болници во зависност од состојбата.
За пациентите сместени во нашите болници, покрај нашите лекари, се грижи и тим од лекари од српската ВМА, кој денес мора да се повлече оти во нивните болници се зголеми бројот на наши пациенти, но остануваат тимовите од Чешка и Израел, кои оцениле дека Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ ги исполнуваат сите услови за соодветен третман на пациентите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа