Русија: Турција ги одложи преговорите за попладне

 


Предложените разговори меѓу Русија и Украина во Истанбул се одложени за четврток попладне на иницијатива на турската страна, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Рускиот претседател Владимир Путин предложи директни преговори со Украина во Истанбул во неделата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна денес во турската престолнина Анкара на средба со турскиот шеф на државата, Реџеп Таип Ердоган, а во Истанбул рускиот и украинскиот лидер чекаат одделно да почнат преговорите.

Авионот на украинскиот претседател слета на аеродромот „Есенбога“ во Анкара и е закажана средба со Ердоган напладне.

Зеленски претходно оваа недела изјави дека е подготвен да разговара само со Путин предизвикувајќи го да дојде во Истанбул ако е доволно храбар.

Кремљ одговори дека Русија не се согласува со ултиматуми. Двете страни последен пат имаа директни разговори во март 2022 година, исто така во Истанбул, само неколку недели откако Путин нареди напад врз Украина.

Двете страни се обидуваат да му докажат на американскиот претседател Доналд Трамп дека се сериозни во врска со мировните напори.

 

Американскиот претседател моментно е на турнеја на Блискиот Исток, а изјави дека ќе дојде во Турција еден ден подоцна „доколку тоа би било соодветно“.

15.05.2025 - 12:40

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега