Сиљановска Давкова: Изјавата на Ахмети е притисок врз судската власт
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека доколку поранешниот министерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани ќе излезе на улица и нема да се врати додека не испровоцира предвремени пармалентарни со локалните избори, ја окарактеризира како притисок врз судската власт.
Шефицата на државата одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар на неодамнешната изјава на Ахмети нагласи дека таа за разлика од него ги мери зборовите, бидејќи не сака да се меша во судската власт.
-Јас за разлика од господинот Ахмети ќе ги мерам зборовите, не сакам да се мешам во судската власт, меѓутоа знаете што сите, а и господинот Ахмети и ДУИ многу пати се повикувале на независноста на судската власт, меѓутоа ваквиот говор всушност значи притисок врз судската власт. Не сакам да давам оценка на квалфикацијата, веројатно е момент на слабост или не сакам да речам момент на неискреност, меѓутоа 30 години потоа, а особено и ДУИ 20 години потоа во власта, ние треба да го почитуваме начелото на поделба на власта и партиите треба да се настрана. Јас многу пати сум рекла дека често пати за нас велат дека не може да се направи разлика меѓу тенката линија, каде завршуваат партиите, а каде почнуваат државните институции. Државите во кои партиите понекогаш се претставуваат како да се државни институции, а не се, се нарекуваат партитократија, тоа не е демократски модел. Господинот Ахмети многу пати повикувал на ветинг, ветингот е во функција на квалитетно вршење на функциите, вклучувајќи го и Судот. Се надевам дека ова беше само една изјава и дека г. Ахмети и ДУИ кои долги години, две децении биле на власт, научиле дека треба да се почитуваат институциите и дека Судот е тој кој ќе пресуди дали некој греши или не, тука не зборуваме за еден човек, но презумпцијата на невиност важи за сите, истакна Сиљановска Давкова по завршувањето на Свечена академија по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во МАНУ, чиј покровител беше таа.
Ахмети во изјава за „Слободен печат“ минатата недела порача дека ако Бектеши биде обвинет ќе предизвика протести и додаде дека во секој момент како од шега може да извади на улица десет илјади поддржувачи на ДУИ, кои би протестирале секоја недела.
-Ќе протестираме за Крешник. Ако Али Ахмети излезе на улица, враќање нема. Ќе ги поддржиме и барањата и протестите на семејствата на загинатите деца во Кочани, што исто така бараат неселективна правда. Тој процес може да заврши само со предвремени парламентарни избори, изјави Ахмети. Според него, во пакетот барања мора да биде и тоа за ветинг на сите политички партии од 1991 година, па досега, како и ветинг и сите функционери за потеклото на нивниот имот. Го додава и ветингот на процесот на приватизација на државниот имот, како и ветинг под меѓународен надзор и на судии, јавни обвинители и на полицијата.
Ахмети тврдеше и дека понудата за предвремени парламентарни избори заедно со локалните првично дошла од премиерот Христијан Мицкоски, уште пред да истечат 100-те дена Влада и пред тој да го предизвика на предвремени лидерот на СДСМ, Венко Филипче во Собранието. Најави дека ДУИ во текот на неделата ќе ги повика највисоките партиски тела и ќе одржи состанок.
Мицкоски вчера, пак, му порача дека ако е мудар како што се претставува, Ахмети ќе извлече поука и наместо да се заканува ќе направи структурни реформи и програмски и кадровски во неговата партија и со нови ликови, нова програма ќе излезе пред македонските граѓани да ја бара довербата.
Мицкоски упати и совет до Ахмети, да не живее во минатото, туку да гледа во иднината. Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев, Мицкоски информира и дека најверојатно утре ќе има средба со Арбен Таравари за неговото натамошно функционирање во Владата и евентуална соработка со ДУИ на локални избори, која ќе се одржи денеска во 17 часот во Владата.
-Го слушнав тој брифинг на Ахмети и врз основа на тоа можам да излечам два заклучока, првиот е да дадам еден совет, да гледаме во иднината, а не во минатото. За жал, господинот Ахмети изгледа се уште живее во минатото зашто ако живее во сегашноста, ќе може да направи огромна материјална разлика меѓу минатото и луѓето од минатото и сегашноста во која тој е во опозиција, а околу него има многу милионери кои на грбот на македонските граѓани се збогатија и тоа е основната причина зашто е тој во опозиција, истакна Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа