Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за вршење сметководствени работи

 


На денешното продолжение на 35. седница на Собранието по скратена постапка беа усвоени измените и дополнувањата на Законот за вршење сметководствени работи, што ги предложија пратеници од владејачкото мнозинство, а со кои им се овозможува на сметководителите до крајот на идната година да ги исполнат законските обврски за континуирано професионално усовршување.

На околу 3.300 сметководители, кои не посетувале доволен број часови за обука и биле дисциплински казнети со привремено бришење од регистерот, им се овозможува да ги потпишат годишните сметки и финансиските извештаи на правните субјекти за 2024 година, а рокот за исполнување на условите за професионалното усовршување им се продолжува до 31 декември 2026 година.

Забелешка за предложените измени имаше пратеничката Сања Лукаревска, која истакна дека со нив се прави упад во почитувањето на претходно донесените законски рокови.

-Тоа е исто како за оние пратеници кои навремено не доставиле анкетен лист, сега да го продолжуваме рокот, што на некој начин е парадоксално. Во делот на членарината, што како забелешка го доставија групи на сметководствени работници, сметаат дека оние кои редовно плаќаат членарина ќе бидат ставени во понеповолна позиција наспроти оние кои не ја плаќаат и треба да се внимава на овој вид дискриминаторски однос, затоа што нив, заедно со оние што немаат потребен квантум на часови, ги ставаме во иста позиција со тие кои ја сакаат професијата и ги исполнуваат критериумите, истакна Лукаревска.

Пратеникот Бојан Стојаноски, кој е еден од подносителите на предлогот за законските измени, нагласи дека тоа се прави по скратена постапка за да се избегнат проблеми во работењето на правните субјекти и воопшто во економијата.

-Имаме сметководители коишто нема да може да поднесат завршна сметка и целото стопанство го ставаме под ризик. Ќе го смениме законот за да им дадеме можност на сметководителите да поднесат завршна сметка, затоа што сите знаете дека ако не поднесете целокупниот стопански, деловен свет го доведувате во прашање, нема да може да работите, тоа е крах на економскиот систем. Тоа не било наша работа, туку на некој друг, а ова е само последица којашто ние треба да ја решаваме, нагласи Стојаноски.

Во обраќањето тој додаде дека постои намера да се реши проблемот на системски начин, односно до крајот на годината да се изработи комплетно нов закон што ќе биде инклузивен, односно во Министерството за финансии ќе бидат повикани сите за да се донесе консензуално прифатлив закон со којшто системски ќе се надминат актуелните прашања. 

25.02.2025 - 17:13

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега