Возила опремени со паметни камери ќе регистраат сообраќајни прекршоци како дел од „Безбеден град“

 

Покрај камери на крстосниците, возила на МВР ќе бидат опремени со паметни камери и во движење ќе забележуваат сообраќајни прекршоци, погрешно паркирани возила како и автомобили кои блокираат цели ленти на коловозот. 

-Возила коишто ќе бидат целосно опремени со паметни камери и при движење во рамки на конкретни улици, сообраќајници итн ќе ги евидентираат сите погрешно паркирани возила и да, веднаш истите ќе бидат процесуирани во системот врз основа на компјутерска обрабока на податоците коишто ќе бидат внесени во системот, вели министерот за внатрешни, Панче Тошковски. 

До крајот на март ќе бидат готови првите верзии на измените на петте закони потребни за конечно профункционирање на „Сејф сити“. Веќе од април да почне процедурата за нивно носење, а до крајот на годината треба да биде завршено сè во законската легислатива и да почне неговата имплементација.

Но за побезбеден сообраќај, според првиот човек во Министерството за внатрешни, потребни се системски промени во кои ќе се вклучат и други институции, особено општините во делот на инфраструктурата. 

-Ова мора да биде малце посеопфатен процес којшто би требало да се посвети соодветно внимание и на градскиот сообраќај, да се посвети соодветно внимание и на велосипедистите, да се посвети соодветно внимание и на погрешно паркираните возила, да се посвети соодветно внимание и на обележани пешачки премини, необележани пешачки премини, потреба од преадаптација на одредени раскрсници, воведување на кружни текови, итн, итн, вели Тошковски.

По усмртувањето на младата Фросина Кулакова на Партизанска, евидентно е зголеменото присуство на полициски службеници низ улиците на Скопје. Тоа според министерот Тошковски има ефект, бидејќи за 10 дена споредено со истиот период лани, бројот на прекршоци е зголемен двојно, но за 30% намален е бројот на сообраќајни несреќи. Дополнително, како што вели Тошковски, за 60% е намален бројот на несреќи со тешки повреди.

21.02.2025 - 16:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега