Вучиќ во подкаст со Трамп Јуниор: Невладини организации финансирани од САД ги организираат протестите
Доналд Трамп Јуниор, најстариот син на американскиот претседател, синоќа објави подкаст на платформата Rumble во кој го угости Александар Вучиќ. Српскиот претседател зборуваше за протестите кои со месеци траат низ Србија. Тој посочи дека зад нив стојат невладини организации кои се финансирани од странство.
„Можете ли да замислите дека сите невладини организации кои учествуваа во организирањето на овие настани во Србија беа платени однадвор, од САД, од УСАИД, Националната фондација за демократија и некои други организации“, рече тој.
„И не велам дека ги користеа овие пари само за тоа. Тие ги користеа парите за сè. Но и за тоа“, додаде тој. Тој предупреди дека САД трошат стотици милиони долари на работи кои немаат никаква корист за американските граѓани.
Синот на Трамп рече дека УСАИД потрошила 14 милиони долари за јавни набавки, а Вучиќ одговори дека агенцијата потрошила уште повеќе пари за финансирање невладини организации кои станале инструменти во секаков вид на политичка криза.
„И тие секогаш ја избираа страната што беше анархолиберална, која беше таканаречена зелена, но само таканаречена, и секогаш против лидерите кои ќе го зачуваат суверенитетот и независноста на земјата и нацијата“, се пожали тој. На прашањето дали српската влада се обидела да открие каде одат парите, Вучиќ рече дека тие сакаат да го сторат тоа, но дека се соочуваат со „лавина критики, дури и од некои извори во американската држава“.
„Можете да прашате сè, сите во светот, освен невладините организации кои се благословени од некого и заштитени од либералниот свет, затоа што ако ги допрете, ако ги прашате – „дождлив или сончев ден“, сте ја направиле најстрашната грешка и ќе бидете распнати од нив. И тоа е нешто што ни се случува сега, но ние ќе си ја завршиме работата“, рече тој.
На синот на Трамп му порача дека ќе биде многу изненаден од резултатите од истрагата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа