ДУИ: Меџити лишен од надлежности, потврдена злоупотреба на службената должност
„Демократската унија за интеграција (ДУИ) го разоткрива големиот скандал што се случува во Министерството за животна средина, каде што по контрола спроведена од Инспекторатот за администрација е потврдена злоупотреба на службената должност од страна на министерот Изет Меџити и неговиот кабинет“, велат од ДУИ.
„Врз основа на решението на Инспекторатот за администрација со број 11-1653/2024 од 17.01.2025 година, Изет Меџити е целосно лишен од своите надлежности, кои се пренесени на Дирекцијата за животна средина.
Со оваа одлука, новиот директор е задолжен да не испраќа на потпис во кабинетот на Меџити ниту еден документ од клучните сектори на министерството, вклучувајќи го Секторот за природа, води, отпад, животна средина и индустриско загадување.
Овие сектори сочинуваат над 70% од надлежностите на Министерството за животна средина, што го прави овој потег невиден преседан.
Оваа мерка е донесена како резултат на бројни поплаки и пријави од граѓани и компании кои биле условувани од кабинетот на Меџити да даваат мито во замена за административни услуги.
Ова е најјасен доказ за заробеноста на институциите од корупцијата и неспособноста на актуелната влада да обезбеди чиста и функционална администрација.
ДУИ остро ја осудува оваа ситуација и ги повикува правосудните органи веднаш да отворат истрага за одговорните, како и да обезбедат граѓаните и бизнисите повеќе да не бидат жртви на државна уцена и корупција.
ДУИ ќе продолжи да биде гласот на граѓаните и да разоткрива секој обид за злоупотреба на власта од страна на неспособни и корумпирани функционери“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа