Интерпелацијата на Тошковски денеска пред пратениците

 

Пратениците денеска треба да расправаат за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поднесена од пратеничката група „Левица“. Пленарната седница е закажана во 11 часот. 

Интерпелацијата е поднесена на 14 април поради тоа што, според „Левица“, министерот Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.

Пратеникот од редовите на „Левица Сашко Јанчев тогаш на прес-конференција рече дека интерпелацијата е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени. Првите три основи, според Левица, се немањето никаква контрола врз дискотеката Пулс, што е законска обврска на МВР, нелегалната употреба на пиротехнички средства и неукажувањето помош од страна на полициските службеници. 

- Интерпелацијата ни е базирана на десет основи од кои пет се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани. Првиот основ е немање никаква контрола врз дискотеката Пулс, што е изричито законска обврска на МВР, изјави Јанчев. 

Според „Левица“, МВР потфрлила и во тоа што долг период во истрагата не биле вклучени функционери и носители на функции блиски до ВМРО-ДПМНЕ. 

Против министерот за внатрешни работи беше поднесена интерпелација и во јануари заедно со уште четири интерпелации на владини министри. Тогаш интерпелациите ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИ. 

29.04.2025 - 08:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега