Крис Павловски: Македонија може да биде Швајцарија на Балканот

 

Има многу можности за инвестирање во Македонија, земјата може да биде Швајцарија на Балканот. Фокусирајте се на енергија, на вештачка интелегенција и на крипто и ќе имате многу просперитет во државата. Можете да станете следна Шавајрација за идните генерации. Можам да помогнам со вработувања, да донесам бизниси или инвестиции. Мислам дека Македонија не треба толку да се грижи за остатокот од светот, не треба толку да се грижи за ЕУ, ниту за кое било друго место во светот, туку треба да се грижи за самата себе, и оти може да биде Швајцарија на Балканот, или во светот, порача Крис Павловски, директор на компанијата „Рамбл“.

-Швајцарија многу добро ја користи перцепцијата дека е неутрална, и мислам дека Македонија може да го направи тоа. Мислам дека на ваков начин може да просперира, слично како што направи Ел Салвадор во Централна Америка. Мислам дека Македонија го има тој потенцијал да биде неутрална држава која ќе се држи настрана од политичките случувања и да се фокусира на економијата на државата, да ги отстрани бариерите за граѓаните и тоа треба да биде фокус, оцени Павловски во гостувањето на ТВ Сител.

Тој кажа дека се запознал со премиерот Христијан Мицкоски и оти неговите родители се по потекло од Македонија.

-Моите родители се од тука, мојот татко е од Преспа, мојата мајка е од Мариово, двајцата потекнуваат од села во овие области и имам голема поврзаност со оваа држава, ја сакам Македонија и сакам се да направам за да напредува, да донесам колку што е можно повеќе знаење, дури и инвестирав во компании тука во 2011 година, вработивме многу луѓе, дури и Рамбл има многу луѓе тука. Секогаш мислам на Македонија и на начините како да помогнам. Актуелниот премиер е одличен домаќин, прифаќа идеи и тие односи ги развиваме изминатите години. Тој е одлична личност, рече Павловски.

Според него, треба да се гледа низ призмата „не очекувај владата да направи се за тебе, туку работи напорно за себе и за својата држава, и таа може да биде одлично место“. 

-Ако го отворите пазарот - банкарството беше голем сектор еден од најголемите во светот, Швајцарија капитализираше од тоа. Новиот сектор кој се издигнува сега е крипто светот, целото законодавство кое Америка се обидува да го донесе во моментот. Ако Македонија стане првата држава во Европа која ќе ги усвои законските измени и ќе им дозволи на крипто компаниите да дојдат тука, ќе има многу компании кои ќе ја напуштат Европа само за да дојдат во Македонија. Според мене, треба само добри закони. Постои реална можност во дигитализацијата и напредно размислување во вештачка интелегенција и крипто. Ако Македонија е напред во законската регулатива, тоа природно ќе донесе луѓе и бизниси, вели Павловски. 

Тој истакна дека има околу 100 луѓе кои работат во компанијата „Космик девелопмент“ во Битола, додека во однос на „Рамбл“ планираат да направат многу тука.

-Проценуваме капацитети за центар на податоци, можности за инвестирање во енергетика, многу различни работи во кои може да се прошириме и да направим многу повеќе, рече Павловски. 

Павловски, пак, во интервју за ТВ Телма, коешто ќе се објави утре, негира дека тој ја органзиирал и ја платил посетата на македонската делегација во Вашингонт за инаугурацијата на Трамп.

-Со почит кон македонската влада, не го организиравме патувањето во Вашингтон, тоа не е наша работа, ние се занимаваме со видео-платформа и правиме пренос и стрим на видеа. Не, ние не сме политичка компанија, вели Павловски.

Во однос на повисоките царини од САД, Павловски во интервју за Телма тврди и дека во тој дел не може да се меша ниту било како да влијае, бидејќи не е политичар, но откри и каде сака да инвестира во Македонија.

12.05.2025 - 21:17

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега