Бектеши: Сите што манипулираат со цените ќе бидат казнети со 5.000 евра
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на вечерашната седница на Владата ќе побара замрзнување на цените и на лимоните и на портокалите. Барањето доаѓа кога граѓаните пријавија дека на многу места цената на овие продукти, кои не влегоа во основниот пакет со замрзнати цени, е вртоглаво порасната во услови на зголемена побарувачка.
„Подготвив одлука, која вечерва ќе ја предложам на Владата за измена на Законот за трговијата, со која и на овие продукти нема да може да растат цените. Го охрабрувам граѓаните да пријавуваат секакво непочитување. Сите што манипулираат со цените, ќе бидат казнети со 5.000 евра, а ќе одговараат и по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, каде што се предвидува и казна затвор од една година“, рече министерот Бектеши.
Владата пред четири дена ги замрзна цените на основните продукти – леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства.
Нивните цени не е дозволено да бидат поголеми од цените што ги имале во моментот кога Светската здравствена организација ја прогласи пандемијата. Исклучок се оние продукти за кои економските оператори имаат доказ за зголемени увозни фактури.
Зголемените цени на продуктите кај кои не е дозволено, како и кафеани и ресторани што работат наспроти одлуката да бидат затворени поради забраната за јавни собирања, од понеделник граѓаните ќе може да пријават на бесплатната телефонска линија 191.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, објасни дека на актуелните броеви на пазарната инспекција за пријава не непочитување инспекторите не може да одговорат оти постојано се на терен.
„Нашите инспектори 18 часа во денот се на терен и од тие причини не може да одговорат на повиците. Од понеделник на бројот 191 граѓаните на ниво на држава ќе може да пријават ако некој ресторан или кафуле работи или ако цените на основните производи се покачени, а иснпекторите веднаш ќе постапат по пријавата“, рече директорот Пауновски.
Министерот Бектеши рече дека ја разбира паниката кај граѓаните поради која нерационално се празнат супермаркетите и повика на разумност и солидарност.
Тој најави втор пакет-мерки, кој на погодените компании ќе им помогне да не отпуштаат работници поради намален обем на работа за време на вонредната состојба, особено компаниите поврзани со угостителство, туризам и транспорт.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа