Повеќе од 90 земји побарале итна помош од ММФ
Повеќе од 90 земји побарале итна финансиска помош од Меѓународниот монетарен фонд поради пандемијата на коронавирус што доведе до невидена економска криза, рече денеска директорката на ММФ, Кристалина Георгиева.
„Никогаш не сме биле сведоци на згаснување на светската економија во историјата на ММФ“, рече Георгиева на конференцијата за медиуми преку интернет, заедно со лидерот на Светската здравствена организација (СЗО).
„Сега сме во рецесија. Тоа е многу полошо од глобалната финансиска криза, пред една деценија”, додаде таа.
Георгиева рече дека најтешко погодени се економиите во земјите во развој и растечките економии кои изгубиле скоро 90 милијарди американски долари.
ММФ е особено загрижен за пресвртот на неодамнешниот економски раст на африканските земји.
Георгиева најави дека ММФ ќе ја искористи својата резерва за вонредна состојба од 1 трилион американски долари за да им помогне на погодените економии, вклучувајќи ги и африканските земји кои инаку би требало да избираат меѓу борбата против новиот коронавирус и хранење на населението.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Габриезус ги повика земјите да престанат со наплата за медицински услуги и да обезбедат бесплатно тестирање и здравствена заштита за случаите од „Ковид-19“.
„Ако луѓето одложуваат или се откажуваат, бидејќи не можат да си го дозволат тоа, тие не само што си наштетуваат самите, туку ја отежнуваат контролата на пандемијата и го ставаат во ризик општеството“, рече тој.
Лидерот на СЗО објави дека донаторските земји веќе ветиле или платиле скоро 690 милиони американски долари за планот за одговор на СЗО на Ковид-19, што е повеќе од побараните 675 милиони долари.
Бројот на заразени со „Ковид-19“ ширум светот надмина еден милион оваа недела, при што повеќе од 50.000 луѓе загинаа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа