Мицотакис бара нов круг избори за апсолутно мнозинство

 

 

Еден ден по изборите, Грција се подготвува за уште едно гласање кое би можело да ѝ овозможи на партијата на премиерот Киријакос Мицотакис сама да управува со земјата, пренесува „Еурактив“.

Резултатите од изборите во Грција покажуваат убедлива победа на Нова демократија, но Мицитакист сака уште еден круг за да добие „бонус“ од 50 места во парламентот.

Конзервативната Нова демократија освои 20% повеќе гласови на изборите во неделата од Сириза предводена од левичарот Алексис Ципрас. Најголемиот број од гласовите се преброени и според досегашните податоци, Нова демократија освоила 40,8%, а Сириза 20,1 отсто од гласовите.

Грчкото Министерство за внатрешни работи соопшти дека Нова демократија би можела да освои 145 места во парламентот, што е само шест помалку од апсолутното мнозинство. Резултатите од гласањето се во тотална спротивност со предизборните анкети во Грција кои предвидуваа потесна разлика.

Ова е најдобриот резултат на конзервативците во последните 14 години, но тие сега сакаат втор круг на крајот на јуни.

Мицотакис изјави дека резултатот од првиот круг е „политички земјотрес“ во Грција и голема победа која ги надмина дури и очекувањата на партијата, но бидејќи нема апсолутно мнозинство, Мицотакис сега може или да коалицира или да бара уште еден глас.

„Од утре ќе се бориме заедно за на следните избори Нова демократија да може да се потпре само на себе. Ќе продолжиме напред, храбро и стабилно, за да го завршиме денешниот важен чекор и да бидеме конечни победници. Грција сака силна влада“, истакна тој.

И Ципрас ја поддржа идејата за уште еден изборен круг, велејќи дека изборниот циклус сè уште не е завршен.

„Следната битка ќе биде критична и одлучувачка“, посочи тој.

Мицокатис е на власт четири години и за тоа време успеа да ја води државата низ пандемија која ја уништи виталната туристичка индустрија. Но, поранешната „европска економска главоболка“ успеа да заживее по пандемијата и забележа економски раст од 5,9% во 2022 година.

Невработеноста и инфлацијата се намалуваат, а за 2023 година се предвидува двоен раст во однос на просекот во ЕУ, па Грција е далеку од долгот и кризата што ги имаше пред десет години.

Владеењето на Мицотакис го одбележа и скандалот со прислушувањето и страшната железничка несреќа во февруари годинава, во која загинаа 57 лица. Владата првично го обвини човечкиот фактор за несреќата, иако железницата со години страдаше поради недоволно инвестирање.

Но, ниту скандалот со прислушувањето ни последиците од несреќата не успеаја да ја намалат поддршката за конзервативците.

Грција има нов закон за избори, кој ќе почне да се применува од следното гласање. Според тој закон, победникот може да добие „бонус“ од 50 пратенички места, што би гарантирало победа на Нова демократија.

Но, левицата веројатно ќе се обиде да го промени јавното мислење со фокус на кампањата на зголемените трошоци за живот.

22.05.2023 - 12:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега