Адвокатот на Пендиков: Напаѓачите се осудени, но мотивот омраза не е докажан
Двајцата обвинети за претепувањето на Христијан Пендиков – Илија Спасески и Борче Ангелов, од Основниот суд во Охрид се осудени на по осум месеци ефективна казна затвор за нанесување тешка телесна повреда, но судот смета дека мотивот „омраза“ не е докажан, изјави за БТА адвокатот на Пендиков, а пренесе Бугарското национално радио.
Пресудата е донесена нешто повеќе од две години откако беше закажано првото рочиште за случајот – тепачката што се случи во вечерните часови на 19 јануари 2023 година. пред ресторан во Охрид.
Секретарот на веќе поранешното бугарско здружение во Охрид, „Цар Борис Трети“ бил нападнат и завршил со два напукнати пршлени, скршена вилица, испукани ребра и три скршени заби. Тој беше донесен со претседателски авион на лекување на Воената медицинска академија во Софија, а случајот прерасна во политички скандал и предизвика нови тензии помеѓу Македонија и Бугарија. По неговото лекување во Бугарија, Пендиков доби и бугарско државјанство, кое му беше свечено врачено од страна на бугарскиот политички врв.
Пендиков тврдеше дека бил нападнат поради тоа што се чувствувал како Бугарин, додека одбраната го оспоруваше мотивот.
Деталните причини за пресудата што ја изрече судијата Бојан Мартиновски од охридскиот суд ќе станат јасни кога писмено ќе им биде презентирана на двете страни во случајот, по што секоја од нив – и обвинителството и одбраната – имаат право на жалба во рок од 14 дена, пренесе БНР.бг.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа