Димитриевска-Кочоска за скандалот со Петровска: Многу бргу ќе ви биде јасно на сите зошто се случуваа сите овие работи

 


Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска, и седум дена по скандалот во Собранието, е на ставот дека не погрешила и нема да ѝ се извини на пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, по дискусијата во Собранието, но од граѓаните побара трпение. Најави дека многу бргу на сите ќе им биде јасно зошто се случиле сите работи што следуваа по нејзиното обраќање до Петровска кога ја праша „врз основа на што Вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како Вие знаете колку едно повеќечлено семејство треба да троши“, а потоа рече дека таа како мајка на два сина многу добро знае колку треба да троши едно четиричлено семејство.

„Жалам што имаше таков дефокус во однос на тоа што јас го кажав од говорницата и како беше интерпретирано. Неколкупати повикав на тоа луѓето да ја ислушаат целата комуникација во Собранието и самите да носат заклучоци. Во однос на извинувањето, мислам дека својот став го кажав, кога би погрешила, би се извинила. Воопшто немало нешто ниту тенденциозно ниту некаква намера, јас зборував за трошоците за живот и врз основа на тоа не би сакала да коментирам понатаму на таа тема. За мене, како што кажав, тоа е затворено. Би замолила една работа, граѓаните да бидат трпеливи, да почекаат малку, времето ќе покаже кој бил во право, кој не бил и зошто се случуваше сето ова. Оставете на времето, ве молам, многу бргу ќе ви биде јасно на сите зошто се случуваа сите овие работи“, рече министерката Димитриевска-Кочоска денес по потпишувањето на меморандумот за соработка на Министерството со Економскиот факултет.

Пратеничката Славјанка Петровска поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а опозицијата секојдневно бара извинување и оставка од министерката.

06.03.2025 - 12:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега