Претседателот на хрватскиот Сабор: Македонија ќе мора да помине низ процес на реформи

 


Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ на денешната заедничка прес-конференција со претседателот на македонското Собрание Африм Гаши изјави дека Македонија ја има поддршка и понатаму да продолжи на евроинтегративниот пат и да ги реши препреките.

-Да се оствари уште подлабоко партнерство и пријателство меѓу нашите земји што е добро за двата наши народа. Вие знаете, ги потврдувам зборовите на претседателот Гаши дека Република Хрватска е силен поддржувач на Република Северна Македонија. Знам дека се соочувате со проблеми. Знам дека вашето членство во НАТО беше исполнето со препреки, и дека сè уште се соочувате со одредени препреки кон патот на ЕУ. Можам да кажам дека членството во ЕУ има геополитичко значење. Тоа донесува сигурност. Се разбира, на тој пат вашата земја ќе мора да помине низ процес на реформи што е добро затоа што и Хрватска го помина тоа, рече Јандроковиќ.


Ве охрабрувам, нагласи спикерот на хрватскиот Сабор, да продолжите на тој пат, да дадете се од себе затоа што тоа, како што рече, ќе биде во корист на државата.

Јандроковиќ вели дека политичките односи меѓу нашите две држави се извонредни, исто како што е економската соработка бидејќи, како што рече, стоковата размена меѓу двете држави постојано расте.

06.03.2025 - 14:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега