Собрание: Работата на пратениците продолжува во други вообичаени форми, откажани се само пленарните седници и комисиите

 

Работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, вклучително и координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовката и разгледувањето на предлог законите, како и состаноци на различни нивоа. Откажани се пленарните седници, комисиите и неколку други настани за кои е потребно присуство на медиумите, појаснуваат од Кабинетот на претседателот на македонското Собрание.

Појаснувањето доаѓа по реакциите во јавноста откако по трагичниот пожар во Кочани во кој загинаа 59, а беа повредени над 200 лица, Собранието ги одложи своите активности за две недели.

-Во врска со реакциите за неодамнешната одлука за одложување на активностите на Собранието минатата и оваа недела, сакаме да појасниме дека Собранието на Северна Македонија и пратениците работеа и продолжуваат да работат. Откажани се пленарните седници, комисиите и неколку други настани за кои е потребно присуство на медиумите. Оваа одлука е донесена консензуално со сите координатори на пратеничките групи, на координативната средба, во знак на солидарност по трагедијата во Кочани и за изразување почит кон жртвите, се вели во денешното соопштение од Собранието.

Сепак, се додава, работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, вклучително и координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовката и разгледувањето на предлог законите, како и состаноци на различни нивоа.

Пратениците, нагласуваат од Македонското Собрание, се активни и посветени на законодавните процеси. Секоја изјава со која се претпоставува дека паузираат е неосновано обвинување кое претставува тенденција за манипулирање со мислењето и нарушување на угледот на Собранието и народните избраници.

26.03.2025 - 17:11

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега