(ВИДЕО) Студен туш за Дуда: Трамп го остави полскиот претседател да чека час и половина и му посвети само 10 минути

 


Полскиот претседател Анджеј Дуда по секоја цена сакаше да биде првиот европски државник што ќе се сретне со новиот американски претседател Доналд Трамп. Двајцата имаа блиски односи од првиот мандат на Трамп (2017-2021), за време на кој Дуда имаше ексклузивен пристап до американскиот претседател. Дури и за време на изборната кампања во 2024 година, Дуда демонстративно го посети Трамп.

Но, последната посета на Дуда на САД се претвори во фијаско. Трамп го држеше својот полски гостин да чека час и половина во сабота, 22 февруари 2025 година, по што посвети помалку од десет минути на разговор. Средбата не се одржа во Белата куќа, туку на маргините на Конференцијата за политичко дејствување (CPAC) во близина на Вашингтон.

Телевизиските камери во живо пренесуваа снимки од Дуда како нетрпеливо го чека во ВИП салонот американскиот претседател. Потоа, полскиот претседател од првиот ред го поздрави говорот на Трамп во CPAC. Трамп го нарече Дуда „фантастичен човек“ и го пофали за фактот дека 84 отсто од Полјаците кои живеат во САД гласале за Трамп.

Но, разликата во однос на приемот што францускиот претседател Емануел Макрон го имаше во Белата куќа во понеделникот (24.02) е огромна: гостинот од Париз беше пречекан со полни државни почести, пред камерите и новинарите во Овалната соба. Потоа се одржа заедничка прес-конференција.

„Тоа беше понижување и студен туш за полскиот претседател“, напиша Јацек Нижниевич во весникот „Rzeczpospolita“. Трамп, тврди тој, се однесувал кон Дуда како да е политичар кој ја напушта власта и повеќе нема влијание во својата земја. „Во новиот свет на Доналд Трамп, Полска не е ниту тема, а камоли клучен играч, од американска перспектива“, наведува весникот.

Меѓутоа, на прес-конференцијата по средбата со Трамп, Дуда се обиде да остави впечаток дека посетата била успешна. Тој изјави дека САД планираат да го зголемат, а не да го намалат присуството на своите војници во Полска и дека Трамп му рекол „да не се грижи“, бидејќи Полска е еден од најлојалните сојузници на Америка, пренесува Дојче веле.

Дуда избегна каква било критика кон Трамп. А неговиот шеф на кабинет Марчин Масталерек по враќањето од Вашингтон изјави: „Постигнавме се што сакавме“. Тој тврдеше дека средбата била „многу добра“. Во одбрана на Дуда застана и Јарослав Цвиек-Карпович, директор на Полскиот институт за меѓународни односи, кој нагласи дека средбата е важна бидејќи „со Трамп секоја секунда е важна“.

03.03.2025 - 11:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега