Дебата: Вештачката интелигенција е реалност, но немаме ниту регулатива, ниту етички стандарди

 

Вештачката интелигенција не е далечна, туку наша реалност. Земјава многу малку има направено на оваа тема. За разлика од нашите соседи, нашата држава се уште нема ниту регулатива, ниту законодавство, ниту етички стандарди за вештачка интелигенција. Ова се дел од заклучоците кои беа кажани на денашната дискусија „Дигитална трансформација и вештачка интелигенција - предизвици и можности“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски истакна дека постои реален ризик од неконтролирана употреба на вештачка интелигенција без соодветна регулатива што може да доведе до сериозни последици вклучувајќи и загуба на работни места, предрасуди или дискриминирачки практики.

-Со жалење морам да констатирам дека во изминатиот период многу малку е направено на оваа тема. И покрај формирањето на работна група за Национална стратегија за вештачка интелигенција во 2021 година, досега е одржан само еден состанок. Ова е загрижувачки и укажува на потребата од итно динамизирање на овие процеси. За разлика од нашите соседи, нашата држава се уште нема ниту регулатива, ниту законодавство, ниту етички стандарди за вештачка интелигенција. Постои реален ризик од неконтролирана употреба на вештачка интелигенција без соодветна регулатива што може да доведе до сериозни последици вклучувајќи и загуба на работни места, предрасуди или дискриминирачки практики. Меѓутоа, оваа ситуација не треба да се сфати како причина за обесхрабрување, туку како повик за акција, рече тој. 

Како што нагласи министерот, сите досегашни активности на националните и меѓународните експерти укажуваат дека правниот систем што ќе ја регулира вештачката интелигенција во иднина мора да биде дел од глобалниот правен механизам кој ги регулира дигиталните технологии воопшто и мора да вклучува кохерентен сет на обврзувачки и необврзувачки правила кои ќе го регулира на фер, морален и етички начин секојдневното користење на вештачката интелигенција во различни области од животот и работата на луѓето. 

- Взаемната врска помеѓу правото, етиката, политиката и вештачката интелигенција не е еднонасочна улица, односно не само што правото или системот влијае на вештачката интелигенција туку и вештачката интелигенција влијае на општеството на различни начини. Во многу аспекти, вештачката интелигенција може да влијае на поинаков и подобар начин на примената на правото но и на полошо. Вештачката интелигенција веќе има директно влијание и врз економијата, врз политиката, образованието, културата, па и демократијата и човековите права. Можеме само да претпоставиме какво влијание ќе има вештачката интелигенција врз нашите животи во иднина. Нејзиниот развој и влегување во вашето секојдневие, денес отвора низа нови прашања – од прашањето за правниот субјективитет и авторството до одговорноста на роботите со вештачка интелигенција, прашањето за заканата за човековите права и демократијата од системите за вештачка интелигенција. Бројот или ширината на човекови права кои се засегнати од развојот и примената на вештачката интелигенција се зголемува од ден на ден. Неопходно е правото да одговори на тој предизвик и да ги заштити основните човекови права и слободи. Донесувањето на нови правила и измени на постојните треба да создаде правен систем кој успешно ќе не заштити од највисоката вредност водена од идејата за правда, морал и етика. Тој правен систем на национално и меѓународно ниво мора да биде составен од правни норми кои се меѓусебно усогласени и претходно договорени во општеството. Советот на Европа и Европската унија во изминатите неколку години усвоија низа документи поврзани со одредени аспекти на законското регулирање на вештачката интелигенција вклучително и аспекти на заштитата на човековите права, рече Андоновски.

10.02.2025 - 19:35

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега