Фон дер Лајен: ЕУ е подготвена одлучно да ги брани своите интереси доколку САД воведат нефер царини
Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, како што пренесува МИА, денеска изјави дека за ЕУ трансатлантската соработка е клучна за просперитет, безбедност и мир, но оти е подготвена да ги брани своите интереси ако САД почне да се однесува нефер.
Таа на заедничката прес-конференција со премиерот на Полска, Доналд Туск во Гдањск истакна дека ЕУ сака трансатлантското партнерство да биде посилно.
– Не само поради историските врски туку затоа што е паметен пристап. Затоа се ангажираме и промовираме прагматична програма. Во исто време, ние сме подготвени, доколку е потребно, да ги заштитиме нашите интереси, наведе Фон дер Лајен.
Таа потсети дека соработката помеѓу ЕУ и САД е од корист за бизнисите од двете страни на Атлантскиот Океан и дека Брисел може да реагира на царините објавени од новата американска администрација на Трамп.
– Клучно е да се вклучиме во претприемништвото заедно. Сметаме дека соработката меѓу компаниите треба да се зајакне бидејќи царините значат повисоки деловни трошоци, им штетат на работниците, им штетат на потрошувачите бидејќи цените растат и тоа ја нарушува економијата. Тие се скапо за двете страни, истакна Фон дер Лајен.
Таа додаде дека е уверена оти ќе се изнајде заедничко решение.
– Во исто време, ЕУ е подготвена ако се појават неправедни предлози. Подготвени сме да реагираме одлучно. Ќе бидеме многу одлучни во нашите принципи, посочи Фон дер Лајен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа