Муцунски во Австралија: Овде македонскиот јазик го има заслужено местото во образованието

 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски кој е во посета на Мелбурн, посети едно од најстарите училишта за изучување на македонскиот јазик. Тој за посетата објави на својот Фејсбук профил.

- Во рамки на работната посета на Австралија, ми беше особена чест да го посетам едно од најстарите училишта за изучување на македонскиот јазик, кое претставува своевиден музеј и место каде многу генерации од најмала возраст го изучуваат јазикот и ја негуваат љубовта кон татковината. Ова училиште е симбол на посветеноста на македонската заедница во зачувувањето на јазикот, културата и богатото културно наследство на нашата држава, напиша министерот.
 
Вели дека Австралија е пример за земја во која македонскиот јазик го има своето заслужено место во образовниот систем.
 
- Особено значајно е што тој е дел од официјалниот наставен план како изборен предмет, а неговото изучување се вреднува при упис во високите образовни институции, што претставува важен чекор во неговото зачувување. При посетата ја истакнав заложбата на Владата, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и останатите надлежни институции за афирмација на македонскиот јазик на меѓународно ниво. Посебен фокус ставаме на поддршката на иницијативи и проекти што ќе придонесат за неговата промоција во странство, особено во земјите со бројна македонска дијаспора, додаде Муцунски.
 
Ова претставува прва посета на македонски министер за надворешни работи по пауза од 15 години.
 

 

10.02.2025 - 08:26

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега