Пешевска: Од кујната на СДС добиваме само лаги зачинети со лицемерие

 

Од кујната на СДС добиваме само лаги, зачинети со лицемерие! Наместо да глуми грижа, Јованка Тренчевска да си го преиспита однесувањето! Крајно дрско и лицемерно е да го сквернавиме денот на кој треба сите да сме сплотени и единствени, а борбата за подобрување на положбата на жените да ни биде врвен приоритет!
Клубот на пратенички постои за сите да имаме усогласен и единствен став по однос на прашањата што ги засегаат жените, вели пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.

-Доколку се постигне консензус, тоа е најдобро, но кога не постои консензус, она што се случува во Клубот, треба да остане во Клубот, а не да се изнесува на прес-конференции и притоа да се зачини со безброј лаги и измислици, произволни толкувања и обиди за дефокусирање на јaвноста од битните случувања во државата!
Бевме свесни дека нашата добра намера ќе се злоупотреби и еве – вчера и денес, токму тоа се случува!
Ваков наратив не ни е потребен, посебно деновиве кога треба да ги славиме достигнувањата и предизвиците за подобрување на положбата на жените општеството и државата. На мојата колешка Тренчевска ќе и порачам дека секаков обид за дефокусирање на јавноста нема да им успее, вели таа.

Пешевска посочува дека борбата за подобрување на статусот на жените во политиката подразбира искрени намери и чесни одлуки, но пред сè меѓусебна доверба и почит.

-Со вакви изјави и прес-конференции уште повеќе ја убедувате јавноста колку сте лицемерни и дека партијата и партиските насоки ви се пред сè и над сè, напиша пратеничката.

05.03.2025 - 18:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега