Пациентите на дијализа во ГОБ „8 Септември“ останаа без превоз

 


Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ информираше дека пациентите кои одат на дијализа во Градската општа болница „8 Септември“ се оставени без превоз откако завршил договорот со такси – превозникот. Како што посочуваат од Нефрон од октомври не им се исплатени овие парични средства иако треба да добиваат надоместок за превоз.

Душко Ѓоргиев од Здружението „Нефрон“ за МИА појаснува дека до октомври дел од пациентите користеле обезбеден такси превоз, а дел надоместок од Министерството за финансии во висина од две или четири автобуски карти, во зависност од тоа каде живеат. При крајот на октомври истекол договорот со такси превозот, а за пациентите кои го користеле, како што појаснува Ѓоргиев, им следува надоместок за превоз од страна на Министерството за финансии.


 

„Тие кои користеле такси, сега исто така треба да добиваат надоместок од Министерството за финансии, во зависност од местото на живеење и дали користат еден или два автобуса, појаснува“ Ѓоргиев за МИА.

Подвлекува дека некои пациенти доаѓаат со сопствено возило, некои користат автобус, а некои го носи фамилијата.

„Има пациенти кои поради здравствената состојба не можат да го користат автобускиот превоз. Некои од нив ги носи фамилијата, 2-3 пациенти го напуштија овој центар за дијализа и се префрлија во други центри каде што има организиран превоз. Според нашите сознанија, нема изгледи да се врати такси превозот за пациентите со дијализа кои доаѓаат во оваа болница“, додава Ѓоргиев.

Според пациенти што користат паричен надоместок за превоз, доцни исплатата на овие средства. 

10.02.2025 - 16:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега